Помина многу време откако тој го направи последниот обид во овој жанр. А, бидејќи сè што ќе сними има значење, дури и обичната најава дека пронашол приказна за филм, е одлична вест.
Денеска е добар ден - Ридли Скот обелодени дека се враќа во кралството на научната-фантастика. Не станува збор за соработка со Џемс Камерон во врска со нов „Осми патник“, на што со децении се надеваат фановите на жанрот, но сепак ова е важна новост, иако Скот не кажува никакви детали за проектот.
- Ја чекав вистинската книга 20 години и конечно ја дочекав. Сè уште нема да го откријам нејзиниот наслов, меѓутоа сценариото најверојатно ќе го напишам во текот на следниот месец. Дефинитивно, тоа ќе биде мојот следен филм по „Нотингем“, филмот за Робин Худ (со Расел Кроу), што го работам сега во Англија - изјави режисерот.
Поминаа 26 години од неговиот филм „Блејд ранер“, кој заедно со „Осмиот патник“ го етаблираше како еден од најголемите визионери на научната-фантастика во историјата на филмот.



