Во своите најдобри денови Југославија создаде брендови кои ќе имаат значење уште долго по нејзиното распаѓање. Еден од таквите е „Професорот Балтазар“, кој сега доживеа технолошко усовршување.
Проектот за дигитализација на најпознатиот цртан филм произведен во поранешна Југославија, „Професор Балтазар“ е успешно завршен. Со тоа легендарниот професор подготвено ќе ги пречека новите медиумски предизвици, кои ги поставува дигиталното време.
Постапката за обнова на целиот серијал траеше една ипол година и ја спроведоа екперти од „Загреб филм“ и од римската лабораторија „ДВД лаб“. Во целиот тој процес обработени се 720.000 сликички и сега научникот, кој проблемите на своите сограѓани ги решава со размислување и без употреба на сила, подготвен е за средба со новите генерации.
„Професор Балтазар“ е хрватска цртана серија снимана во периодот меѓу 1967 и 1971 година. Има вкупно 57 епизоди во траење од пет до десет минути. Нејзин автор беше аниматорот Златко Гргиќ (1931-1988), а во целиот проект учествуваше екипа од 20-тина луѓе. Серијата забележа голем успех во СФРЈ, и е еден од ретките телевизиски производи од поранешната држава што најде пласман и на европскиот пазар. Во 2005. беше покренато снимање нови продолженија.
Filed under: Новости, серии и емисии на телевизија | Tagged: текст



