MTV награди 2008 (2)

Се разбира дека одговорните за свечената церемонија не можеа да направат ништо, бидејќи таа беше договорена многу порано, а пожарот изби непосредно пред почетокот. Сепак, ѕвездите се надишаа чад.

Филмските награди на Ем-ти-ви се одржаа во Лос Анџелес и покрај тоа што само неколку стотини метри од местото на церемонијата гореа студијата на Јуниверзал, и чадот влегуваше во салата. Главни победници на вечерта се „Трансформери“ со наградата за најдобар филм, и Џони Деп, кој си замина со две „златни пуканки“ – за најдобар актер во комедија и за најдобар негативец. Режисерот на „Трансформери“, Мајкл Беј, примајќи ја статуетката (ако може да се нарече така) рече дека е подготвен уште утре да го почне снимањето на вториот дел од филмот. Што се однесува до Деп, наградата за комична улога ја доби за ликот на пиратот Џек Спероу во „Пирати од Карибите: На крајот на светот“, додека негативец на годината е поради насловната улога во „Свини Тод: Демонскиот бербер од Флит стрит“. Со тоа барем малку му се реваншира Хавиер Бардем, кој пред само три месеца за ролјата во „Нема земја за стариот човек“ освои „оскар“, победувајќи го Деп.

Филмските награди на најпознатиот музички ТВ-канал ја немаат тежината на оние од Американската академија, но годинава се одржаа по 17-ти пат и веќе стекнуваат завидна репутација. За тоа зборува и списокот на познати гости, презентери и добитници. За најдобар актер е прогласен Вил Смит за улогата во „Јас сум легенда“, младата Елен Пејџ триумфираше во истата категорија меѓу жените за портретирањето на бремената тинејџерка во „Џуно“, а Зак Ефрон е награден за „пробив на годината“ („Спреј за коса“).

Во категориите специфични за Ем-ти-ви, добитници се Шон Ферис и Кен Џиганде за најдобра тепачка, во „Никогаш нема предавање“, Брајана Евиган и Роберт Хофман за најдобар бакнеж, во „Чекор кон улиците“, и „Железен човек“ за најдобар летен филм досега (што и да значи тоа). Признанието наречено „Ем-ти-ви генерација“, кое е еквивалет на наградите за животно дело, му припадна на Адам Сендлер.

Водител на церемонијата беше Мајк Маерс, кој за себе и за Вил Смит рече дека се однесувале како „макроа“, бидејќи го искористиле излегувањето на сцената да ги рекламираат своите нови филмови, а не да се осврнат на пожарот, во чиј пламен исчезнаа неколку од познатите филмски сетови, како и музејската поставка на „Кинг Конг“.

Џони Деп нагласи оти го изненадила наградата за најдобар комичар, бидејќи: „Прашајте било кого, и сите ќе ви кажат дека не сум многу забавна личност“, а Елен Пејџ се смета себеси за “среќна девојка што добила можност да го глуми извонредниот лик во ’Џуно’“.

Победниците на „Ем-ти-ви филм авордс“ се избираат со гласање на гледачите преку интернет, и резултатите им се познати на номинираните личности, со што делумно се објаснува отсуството на театрално изненадување, какво што секоја година гледаме на другите доделувања.

Главни музички атракции беа групите Колдплеј и Пусикет долс (фото), кои ги изведоа своите нови хитови „Violet Hill“, односно „When I Grow Up“.

За најголем губитник на вечерта се смета филмот „Суперлош“, кој не доби ниту една „пуканка“ иако беше номиниран во пет категории.

Leave a Reply

You must be logged in to post a comment.